Уште во 2004 година Хрватска, која тогаш беше речиси на исто ниво во евроинтеграцијата на кое што е сега Македонија, по силниот притисок од опозицијата и медиумите, но и притисокот од Европската комисија, се повлече од договорот со моќната американска компанија „Бехтел и Енка“, пишува Слободен печат“.
Тогашниот премиер Иво Санадер и неговите министри попусто се обидуваа да ги убедат гласачите дека договорите на претходната влада им ги врзале рацете, па морале да го почитуваат договорот. жАргументите на противниците беа дека „избегнувањето јавен тендер е елдорадо кое отвора простор за корупција“.
За жал во Македонија, „апелите“ и предупредувањата од ЕУ не допираат до властите.
„Европското знаме може да се користи само кога има усогласување со европските закони и практики, а ова не е случај“, вели евроамбасадорот Дејвид Гир.
На ова премиерот Ковачевским вели:
„Со оглед на тоа дека овие, како и низа други закони беа блокирани во Собранието, а имаат за цел унапредување на различни делови во нашето општество, беше одлучено да одат на Комисијата за европски прашања, која обезбедува нивно побрзо донесување и побрзо работење на терен. На граѓаните им се потребни коридори, а не дневнополитички препукувања. Нашата ориентација кон ЕУ е неспорна и тука нема дискусија, а во однос на изградбата на автопатските делници и законите со европско знаменце, ќе ви повторам дека нашата интенција е да градиме побрзо и поевтино“.
Ќленови на собраниската Комисија за надворешни работи, во писмо до Европската комисија и Европскиот парламент ја обвинија власта дека го злоупотребува европското знаменце за законите за коридорите со цел да ја скрие високата корупција. Писмото потпишано од 27 пратеници го испратија до претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, до еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи, до претседателот на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент Дејвид Мекалистер, европратеникот и известувач за Македонија Илхан Ќучук, како и до евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.
Како што стои во дописот до европските институции, договорот со „Бехтел и Енка“ нема ништо заедничко со ЕУ законодавството, туку целта е само да се скрати парламентарната дебата. Истовремено, тоа значи непочитување на мандатот на пратениците, како и дерогирање на репутацијата на ЕУ во земјава.







