Лога со писма до меѓународните фактори за неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП од Бугарија

Министерот за правда Кренар Лога испрати писма до Амбасадата на САД во Македонија, до Делегацијата на Европската унија во земјава, до Мисијата на ОБСЕ и до Програмската канцеларија на Советот на Европа, во кои ги информира за неспроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од Бугарија.



Во писмата испратени заедно со 14. казни се наведува дека македонското Министерство за правда бара поддршка од меѓународната заедница за унапредување и заштита на човековите права.

„Почитувањето на меѓународните документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ, е неопходно да се залагаат“, соопшти Министерството, нагласувајќи дека „е од особена важност да се актуелизира прашањето за неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП, истакнувајќи ја потребата од поддршка од меѓународната заедница за доследно спроведување на пресудите на Судот“.

Министерството не соопштува за кои точно 14 пресуди на ЕСЧП станува збор, но минатиот месец Лога во Скопје се сретна со копретседателот на ОМО „Илинден“-ПИРИН, Стојко Стојков. Прес-службата на Министерството по средбата соопшти дека „за неспроведувањето на 14. одлуки на судот во Стразбур во корист на Македонците во Бугарија ќе бидат известени меѓународните фактори“.