На 10 мај 1989 година Димитар Илиевски-Мурато се запиша во македонската историја како прв Македонец и официјално 264. планинар на планетата што го освоил највисокиот врв во светот Монт Еверест (8.848 метри) на Хималаите, по што не успеа да се врати во базниот логор и до денес се води како исчезнат.
По искачувањето тој ги развеа знамињата на тогашните СФР Југославија и СР Македонија. Заедно со него на врвот во истиот ден се искачија и алпинистите Виктор Гросељ од Словенија и Стипе Божиќ од Хрватска, како и шерпасите Сонам и Аџива. Во четвртиот висински логор се наоѓал македонскиот алпинист Борче Јовчевски како логистичка поддршка.
Искачувањето до врвот траело околу 15 часа во услови на длабок снег. На врвот Диме и Стипе се задржале околу еден час. На симнување од врвот Диме останал најверојатно на височина од 8.200 метри. Причината за неговата смрт не е разјаснета до денес, бидејќи за целото време на искачувањето и симнувањето бил во одлична состојба, честопати правејќе патека низ снегот и пред шерпасите. Се претпоставува дека, застанувајќи за кратко на 8.200 м за да го почека Стипе, кој бил зад него и имал проблеми со светилката, Диме заспал.
За историскиот подвиг битолчанецот роден на 29 септември 1953 година посмртно е награден со Медал за заслуги за Македонија, ги доби и наградите „11 Октомври“, и Cпортист на годината за 1989 година, а Македонскиот олимписки комитет го прогласи за „великан на спортот“. Во негова чест на Пелистер е подигнато спомен-обележје.






