Дури 50.000 денари се потребни едно четиричлено семејство да може да го истурка месецот и преживее. Додека со платата на еден функционер се покриваат дури три минимални синдикални кошнички, еден работник не може да си го прехрани своето семејство ни со две минимални плати – Пресметката на сојузот на синдикати на Македонија говори за неуспешноста на Владините мерки и политики. За само една година, храната поскапела за над 50 евра. Синдикатите ги повикуваат работниците да им се приклучат и заедно да го изразат незадоволството.

- – И покрај сите мерки на Владата, трошоците за храна и пијалоци за само една година се зголемени за 2766 денари, а во 2023 година ниту еднаш не е намалена вредноста на храна и пијалоци во делот на Синдикалната минимална кошница што покажува дека функционерите си го гледаат само нивниот интерес и знаејќи го овој факт си ги зголемија нивните плати за 2000 денари дневно или за 78% месечно, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
И покрај тоа што цела година имаме одмрзни – замрзни мерки, официјалните податоци говорат дека за една година храната поскапела за скоро 17 отсто. Дури и во текот на минатиот месец кога имавме замрзнати цени поскапел зеленчукот и месото за 2 отсто во споредба со март. Ваквите бројки го рушат оптимистичкиот став на Владата дека нивните мерки даваат резултат и го штитат животниот стандард. Дека владините мерки само гаснат социјален пожар и претходно предупредуваа експертите, а тоа го потврди официјална статистика. Инфлацијата во април едвај паднала 2 проценти во однос на март годинава.





