Министерството за надворешни работи денеска реагираша на изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев дека поради тоа што на 6-ти мај не му бил дозволен влезн во земјава бара извинување, предупреди дека „Македонија ја преминала црвената линија“ и не ја отфрли можноста за ново вето за Скопје на патот кон ЕУ.
Ковачев: Македонија ја премина црвената линија
„Во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал.
Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, објаснија од МНР.
Оттаму велат дека процесот за членство во ЕУ не е доведен во прашање како што тврди Ковачев.
„За Владата на Македонија приоритетно прашање е членството во ЕУ. За таа цел се ставени на располагање сите владини и административни ресурси за успешно завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер – фундаменти.
Паралелно се работи и на уставните измени кои влегуваат во клучна фаза, каде за кратко време работната група треба да излезе со предлог амандманите. Сензитивноста на овој процес не остава простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на успешното спроведување на измените“, стои во соопштението од МНР.







