Информативниот портал Плусинфо денеска слави 12-ти роденден – скромно и работно, како што велат и како што се навикнати.



„Во оваа прилика сакаме само да повториме нешто што сме го кажале во слични прилики – вложивме многу љубов во овој проект и голем труд нашиот портал да се етаблира како водечки бренд на пазарот на интернет медиуми во Македонија и затоа сме горди на резултатите што ги постигнавме.

Плусинфо и натаму е на врвот на информативните интернет медиуми, со висока доверба и со читаност. Бизнис заедницата ги препознава влијанието и кредибилитетот на нашиот медиум и тоа е основата на која со нашите деловни партнери градиме традиционални односи на соработка, меѓусебна поддршка и општествена одговорност“, велат од Редакцијата.

„Во оваа прилика, сакаме да им се заблагодариме на сите читатели коишто ги следат содржините на Плусинфо. Нѐ радува вниманието што ни го посветуваат. Нѐ поттикнува нивното љубопитство и разбирањето на нашиот порив секогаш да се трага по вистината, дури и тогаш кога е непријатно таа да се слушне. Ни импонира поддршката за упорноста и доследноста со која објавуваме општествено релевантни мислења, не само такви што се „поклопуваат“ со генералната уредувачка линија на порталот, туку и ставови кои се разликуваат со неа, понекогаш дури и до степен на спротивставеност.

Упатуваме благодарност до сите наши колеги, сегашни и поранешни, кои неуморно и со свежи идеи придонесуваат Плусинфо да го одржи високото ниво на почитување на професионалните и етички стандарди на новинарската професија и да биде пример за објективно и непристрасно информирање и простор за јавна дебата за важни политички и општествени прашања“.