Во Македонија се поскапо се живее, ама Владата тоа никако да го види. Иако инфлацијата за април падна од 14% на 13%, сепак таа е и натаму двоцифрена. Министерот за економија Крешник Бектеши вели се пофали дека за тоа придонеле владините мерки, конкретно околу ограничувањето на цените, и најави нови кои биле во преговори со коморите, ама какви не кажа. Но, според Владата, ние сме биле земја со најефтина храна и горива во регионот, ама граѓаните тоа во пракса, никако да го видат.

- – Ова е поголемо намалување од зголемувањето на платите што беше направено во овој период во нашата држава. Ова е потврда дека мерките даваат резултат. Овој тренд на намалување ќе продолжи. Би сакал да упатам една порака до сите стопанственици во нашата држава, особено до производителите на основните прехранбени производи, а секако и до трговците и увозниците на овие производи, да се подготват. Моментно и цените на суровините и цените на енергентите се на ниво што овие цени може дополнително да се намалуваат од денешните, рече министерот Бектеши.
Замрзнатите цени ќе останат во сила до крајот на месецов, но ако е потребно, вели Бектеши, тие ќе бидат продолжени. Рече дека инспекцијата поднела три прекршочни пријави до оние компании кои разботеле спротивно владините наредби за ограничување на цените.

Дека во пракса не може да се види реално поевтинување говори и државната статистика. Иако инфлаторната спирала благо попушти, инфлацијата е далеку повисока ако ја споредиме со април минатата година, кога земјава за прв пат забележа двоцифрена стапка на инфлација од 10,5%.
Ако се суди според досегашното искуство, министерот рече дека намалување на инфлацијата очекува на почетокот од летово, кога таа повторно ќе била едноцифрена.





