Македонија со години важи за увозно зависна земја во однос на потребите од електрична енергија. Увозот на електрична енергија во изминатите години се движеше од 20 проценти до 30 отсто од вкупната бруто-потрошувачка на електрична енергија и директно зависи од домашното производство на електрична енергија, објавува Фактор, повикувајќи се на Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика.
„Во 2022 година нето-увозот на електрична енергија изнесува 20,70 отсто, додека во 2021 година истиот изнесуваше 33,15 проценти од вкупната бруто-потрошувачка.
Ваквото намалување на нето увозот на електрична енергија се должи пред сè на намалената потрошувачка на електрична енергија и зголеменото производство.
Сепак треба да се има предвид дека целокупните потреби од мазут за ТЕЦ „Неготино“ доаѓаат од увоз и дел од потребите за термоелектроцентралите се обезбедуваат со увоз на јаглен.
Регулаторите потенцирале дека споменатите количества на електрична енергија не се целосно искористени за потребите на потрошувачите во Македонија.
Вкупното домашно производство на енергија не е целосно искористено за потребите на потрошувачите, туку дел од него преку трговците е извезено од македонскиот електроенергетски систем.“ пренесува Фактор.






