Вардар падна во Битола, Еурофарм Пелистер на прагот на првата титула по 18 години

Со победата од 26:23 над шампионот Вардар во Битола, ракометарите на Еурофарм Пелистер го направија веројатно решавачкиот исчекор кон својата прва титула првак на Македонија по 18 години.



За својот шести шампионски пехар на пелистерци ќе им бидат доволни четири бода од двата последни натпревара во плејофот сезонава – во следното коло во Охрид и на крајот дома со Тиквеш.

Домаќинот во преполната сала „Боро Чурлевски“ беше постојано во водство, на полувреме имаше предност од 13:12, но отпорот на „црвено-црните“ го скрши дури во завршницата од мечот, во кој големи проблеми им правеше расположениот вардаров голман Борко Ристовски.

Хосни и Костески беа најефикасни во победничката екипа со по шест гола, колку што постигна и Талески за гостите од Скопје.