A средношколки се заканувале преку Тик Ток

По трагедиите во Србија, и Македонија ги бележи првите инциденти. Ученик од скопски Чаир извадил пластичен пиштол играчка, и го вперил кон други ученици. Настанот се случил вчера, а реагирала и полицијата. Од МВР велат дека известен и јавен обвинител за малолетници. Во другиот случај, четири средношколки од Скопје завршиле на информативен разговор во полиција поради закани кон нивна соученичка преку „Тик-ток“. И двата случаи ги потврдија од МВР.
“Полициски службеници во присуство на родители, педагог, психолог и директорката на училиштето извршиле службен разговор со малолетник-ученик во училиштето, постапувајќи по претходна пријава од директорката на училиштето дека извадил пластичен пиштол (играчка) и го насочил кон други ученици, а потоа и го предал на неа. Известен е дежурен јавен обвинител за малолетници” – велат од МВР за Алфа.
За настаните во соседна Србија и во нашата земја реагираат и од сојузот на средношколци. Од таму бараат од МОН, засилено обезбедување на училиштата најдоцна до крајот на учебната година, канцелариите на психолозите да бидат отворени за учениците да можат да закажат средби со нив, обуки и доквалификации за стручните служби но и нивно тестирање.
„Праксата покажува дека училишните психолози се обременети со административна работа, што ги спречува да комуницираат со корисниците на нивните услуги – учениците. Сојузот предлага нов модел на работа на училишните психолози. Имено, нивните канцеларии треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог“, велат од Сојузот на средношколци.





