Полицијата соопшти дека извршила голем број апсења во близина на местото на денешното крунисување на британскиот суверен Чарлс Трети.
„Во центарот на Лондон е во тек значајна полициска операција. Направивме неколку апсења во областа Карлтон Хаус Тераса. Луѓето беа приведени поради сомневање дека го нарушиле мирот. Претходно денеска уапсивме четири лица во областа Сент Мартин Лејн.
Тие се приведени поради сомнение за заговор за вознемирување на јавноста. Уште три лица се уапсени во областа Велингтон Арч. Ќе има дополнителни ажурирања подоцна денес. Засега протестите се мирни“, соопшти Скотланд Јард.
Церемонијата на крунисувањето на британскиот крал Чарлс треба да започне околу 11 часот по локално време (12 средноевропско) и да трае нешто повеќе од еден час.
Чарлс ќе патува со кралицата Камила од Бакингемската палата до Вестминстерската опатија. Рутата по која ќе тргнат се нарекува „Кралска поворка“.
Внатре во опатијата, Чарлс ќе седне на столот на Едвард и ќе го држи владетелскиот жезол, објект што ја претставува контролата врз британската нација.
За време на крунисувањето, Чарлс ќе биде прашан дали ќе управува со Велика Британија и другите нации на Комонвелтот со почитување на законот и правдата и дали ќе го задржи христијанството во нацијата.
За време на крунисувањето на кралот Чарлс Трети ќе се видат обележја и најблескав накит, а тие предмети, освен што го прикажуваат раскошот на кралското семејство, имаат и симболична и физичка врска со минатото.
Дел од најважните моменти од денешното крунисување: Две круни Круната на Свети ЕдвардКруната на Свети Едвард, најважната од кралските круни, ќе биде ставена на главата на Чарлс Трети за време на церемонијата и тоа ќе биде единствениот пат кога ќе ја носи.
Се користи само за крунисување и последен пат ја носела кралицата Елизабета Втора, за време на нејзиното устоличување во 1953 година.
Круната е направена од 22-каратно злато за крунисувањето на истоименикот на новиот крал, Чарлс Втори, одржано во 1661 година. Украсена е со полускапоцени камења како рубини, аметисти и сафири.
Има четири лакови, четири крста и лилјани. Круната, неодамна прилагодена на големината на главата на Карл, тежи повеќе од два килограма.
На крајот од церемонијата, кралот ќе ја носи империјалната државна круна, која последен пат беше видена во септември минатата година на погребот на кралицата Елизабета Втора.
На крунисувањето ќе присуствуваат бројни светски државници, меѓу кој и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
На крунисувањето не се поканети лидерите на Русија, Белорусија, Северна Кореја, Никарагва и уште десетина земји.







