„Јас не сум Бугарин, јас сум Македонец, Македонски Славјанин! И како таков јас сум за Македонија како славјанска земја, која ќе има сопствено управување!… Која историја, таа ли што ја фалсификувате? Таа историја ние не ви ја признаваме, бидејќи целите на војната не се за никакво ‘обединување на бугарското племе’, туку за бугарска хегемонија на Балканот, поточно да се завладеат местата, што и се неопходни на бугарската буржоазија, за да може да излезе на големите водни патишта и на Егејско Море.“ – овие зборови се дел од говорот на истакнатиот деец за македонската национална кауза и за слободата на Македонија Димитар Благоев во бугарскиот Парламент во 1917 година по повод учеството на Бугарија во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со овие зборови тогаш големиот и непоколеблив Македонец Благоев смело им се спротивставил на бугарското фалсификување историјата на Македонија и на настојувањата на великобугарските врховисти да ја приграбат и да ја завладеат сета етнојазична територија на македонскиот народ, значи не само Вардарскиот и Пиринскиот, туку и Егејскиот дел на Македонија.
Денес, на 7 мај, се навршуваат 99 години од смртта на овој истакнат македонски политичар, социјалист и основач на Бугарската работничка социјалдемократска партија (БРСДП). Тој е роден во македонското село Загоричани, во Костурско, во Егејскиот дел на Македонија на 14 јуни 1856 година, а починал во Софија, во Бугарија на 7 мај 1924 година.
Повеќе од еден век, како и се друго што е македонско, бугарската историографија и политика дури и Димитар Благоев го прогласуваат како Бугарин, иако уште пред 106 години во тој свој бележит говор во Парламентот – во срцето на бугарската држава ќе им го плесне на Бугарите во лице и следново: „Ако сте вие убедени дека во Добруџа живеат Бугари, дека во Моравско, дека во Македонија живеат Бугари, дека во Сер, Драма и Кавала се Бугари, зошто тогаш се плашите од формулата на рускиот цар, ‘мир без анексии, без обештетување и со право на народите на самоопределување’? Ако сте убедени дека некаде има Бугари, нека се спроведе референдум и да видиме што ќе кажат. Зошто се плашите да се направи референдум? Зошто кревате врева? Значи не сте сигурни, значи има нешто, што ве тревожи, има некои области завладеани од вас, кои, ако се подложат на референдум, ќе ви се измолкнат од рацете.“
Во една статија, во која е откриен говорот на Димитар Благоев, ракописот бил намерно оштетен на местата каде што се зборува за Македонците. Тоа било избришано и од стенографските белешки од неговиот говор во бугарскиот Парламент. Особено Димитар Косев во својата книга под наслов „Петко Рачев Славейков, Обществена и политическа дейност“, издадена од Бугарската академија на науки во 1986 година, се обидува целосно да ги прикрие и да ги изврти промакедонските ставови на Благоев.
Исто така, и многу други бугарски историчари и до денес се трудат да ги прикријат клучните ставови од речта на Димитар Благоев, кои ги фрлаат во вода сите заговори во Мешовитата бугарско – македонска историска комисија сега да се бугаризира целосно сета македонска историја, како и македонскиот народ и неговата македонска национална самосвест и неговиот македонски идентитет.
Македонскиот историчар Орде Иваноски ги има објавено веродостојно и точно ставовите од веројатно историскиот говор во 1917 година во својата книга со наслов “Искажување на Димитар Благоев за народноста на Македонците пред бугарскиот парламент во 1917“, издадена од „Современост“ во Скопје во 1967 година.
Во своја статија со наслов „Дедо Димитар Благоев“, објавена на 30 јули 2014 година, весникот „Македонска нација“ има објавено: Како и многу други македонски дејци, кои ја доживеале страшната судбина на заборавот, така и Димитар Благоев, истакнат македонски социјалист и деец за слободата на Македонија, останал заборавен од македонскиот народ. Што е уште пострашно, и македонската историографија за него нема одвоено посебно катче, иако е тој еден од ретките, кој во официјална бугарска институција како што е Собранието во Бугарија, ќе каже дека е Македонец и оти се Македонците народ различен од сите други народи во Балканот.
Тој е еден од основополжниците на социјалистичкото движење општо на Балканот, а посебно во Бугарија. Целиот свој живот му го посветил на социјалистичкото движење. Својот живот и дејност ги поминал во Бугарија. Се школувал во Цариград, Одрин, Габрово, Стара Загора, Свиштов, во гимназијата во украинскиот град Одеса (1879/80 г.) и на Универзитетот во Санкт Петербург (1881). Bo декември 1883 година ja организира првата социјалдемократска група вo Русија, наречена Благоевска група.
Во 1885 година Благоев започнува да го издава нелегалниот весник “Работи” и воспоставува врска со радикалната социјал-анархистичка Плехановска група во Женева. Во март 1885 е уапсен и е интерниран во Бугарија. Од јуни 1885 година во Софија почнува да го издава списанието „Сoвремен показател“. Во него тој ги застапува идеите на научниот социјализам. Благоев е основач, идеолог и долгогодишен предводник на Бугарската работничка социјалдемократска партија, предходничка на Бугарската социјалистичка партија. Автор е на повеќе од 500 статии.
Еден од поголемите градови во Пиринска Македонија Горна Џумаја на 9 мај 1950 година е преименуван како Благоевград. Но во последниве години зачестуваат гласините дека, наводно, во Бугарија се подготвува промена на името на градот Благоевград, затоа што носи името на овој истакнат македонски патриот!
Подготвил: Свето Тоевски





