Сите министри се поредија зад коридорите 8 и 10д – Законите за „Бехтел и Енка“ одат со европско знаменце

Владата на денешната седница одлучи прелдожените пет законски измени наменети за Бехтел и Енка, односно за изградба на автопатите од Коридор 8 и 10д, да одат по скратена постапка со европско знаменце. На тој начин ќе се избегне блокадата од опозицијата, како што рече првиот вицепремиер Артан Груби, и ќе може да се донесат побргу, затоа што, како што рече тој, овие коридори се на европската мапа и имаат поддршка од ЕУ.



Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека законите кои се од доменот на неговиот ресор ги опфаќаат европските вредности и дека ќе важат за сите останати проекти од стратешки инетерс.

Секоја одговорна влада во секој момент треба да покаже акција и Министерството за транспорт и врски направи суштински измени во законот за градење и во законот за урбанистичко планирање. Тие не се однесуваат само на Коридорот 8 и 10д, туку се носат за сите идни градби од национален интерес, како железничката пруга и магистралните гасоводи. Со законските измени само се забрзуваат процедурите и ги намалуваме роковите, кажа Бочварски.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека неговото министерство заедно со Јавното претпријатие за државни патишта направиле интервенција во прелдог-законот за експропријација, заради како што рече, побрза изградба на автопатите со тоа што на семејствата кои живеат покрај предвидената траса на кои не им е завршпена процедурата за легализација на дивоградбите во кои живеат, на истите ќе им биде платена кирија за отселување во рок од 12 месеци.

Со предлог-законот за експропријација нема експропријација на нелегално изградени објекти. Единствено ќе се овозможи на семејства што живеат на тие објекти, ако не им е завршена постапката за легализација, ќе им се овозможи дислокација со закуп на друг објект, наведе Бесими.

Заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин потенцирајќи го значењето на изградбата на коридорите 8 и 10д, посочи дека се неопходни измени во Законот за работни односи.

Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35% согласно Законот и колективниот договор. Секој работник доколку не сака нема да биде принуден со сила да работи прекувремено. Согласно законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор, рече заменик-министерот Хусејин и додаде дека прекувремената работа ќе зависи и од активностите и процесите на работа на трасите, што значи, дека ќе има и денови кога воопшто нема ниту да има потреба од прекувремена работа.