„Синоќешниот напад беше терористички чин во кој нашите единици имаа задача да уапсат и да неутрализираат терорист.



Негативецот е уапсен и негативецот никогаш повеќе нема да ја види светлината на денот. Нема да излезе од затвор“ порача на денешното обраќање на јавноста српскиот претседател Александар Вучиќ по двата напада за помалку од 48 часа кои ја потресоа Србија и во кои загинаа 17 лица, а над 20 се ранети.

„Владата ќе му наложи на Министерството за внатрешни работи и врски итно, без процедури, да подготви измени на законот за оружје и муниција: Сите луѓе што имаат оружје, не зборувам за ловечко оружје, ќе подлежат на ревизија, а нема да има повеќе од 30-40 илјади што ќе можат да чуваат оружје. Ќе ги удвоиме и казните. Ниту тоа нема да биде доволно, за малкуте оружја што ќе останат ќе се обезбедат шестмесечни прегледи со задолжителен тест за психоактивни супстанци.

Наложено е, рече Вучиќ, МВР да ги преземе сите мерки за упатување јавна покана до сите кои нелегално поседуваат оружје, во рок од еден месец без последици, а доколку не го предадат и го откриеме, последиците ќе бидат страшни.

Мора да продолжиме да живееме слободно, само треба да донесеме одлука да се спротивставиме на злото.