Коалицијата „Сите за правично судење“ повторно ја истакнува загриженоста за начинот на работењето на Судскиот совет во последните неколку денови и од мониторингот на неговата работа забележува континуирано отстапување од Законот за Судскиот совет и стандардите за транспаретно и отчетно работење на оваа институција, се вели во посебниот извештај на Коалицијата за денешната седница на Судскиот совет, на која беше избран нов претседател.
– Со оглед на алармантната ситуација во која што Судскиот совет се доведе себе си, повторно укажуваме на тоа дека Советот мора доследно да го применува Уставот, Законот и останатите
позитивните прописи на Република Северна Македонија. Во таа насока, Коалицијата изготви посебен извештај со коментари за 439-тата седница на Судскиот совет одржана на 04.05.2023 година, но и за транспарентното работење на Советот во изминатите денови, се вели во соопштението од Коалицијата.
Седницата на Судскиот совет на која што требаше да се избира нов претседател на Советот, најпрво требаше да се одржи на 02.05.2023 година меѓутоа беше одложена со образложение дека Советот не е во полн состав. Од страна на Советот беше најавено дека навремено јавно ќе биде објавено ново соопштение за нејзино одржување.
– Денес е констатирано дека соопштението за одржување на 439-тата седница на Судскиот совет е објавено само 15 минути пред самото започнување на седницата, што сериозно придонесува кон намалување на транспарентното работење на Судскиот совет, бидејќи ваквото постапување практично ја спречува јавноста да присуствува на оваа седница и истото може да биде протолкувано како обид на Советот незаконски да оневозможи присуство на јавноста на седницата, се вели во извештајот на Коалицијата.
Коалицијата смета дека ваквиот начин на закажување и објавување на седниците е апсолутно спротивен на транспаретно и отчетно работење на Судскиот совет особено во вакви исклучителни ситуции кога за да биде подобрен имиџот на Советот и судството во целина се потребни исклучителни напори за транспарентност и отчетност во работењето.
Законот за Судскиот совет точно определува во кои ситуациии Советот може да донесе одлука за исклучување на јавноста од седниците. Имено, во член 39 став 2 е наведено дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија, а согласно став 3 кога Советот носи одлука за исклучување на јавноста истиот е должен да ја извести јавноста за причините за таквата одлука. Доколку станува збор за случај во кој Советот треба да донесе одредена одлука по точката за која јавноста би била исклучена, гласањето за одлуката мора да биде јавно исто како и самата одлука за исклучување на јавноста.





