Копреседателот на ОМО „Илинден“-ПИРИН, Стојко Стојков, денеска се обрати пред Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА).
„Европа треба да се спротистави на бугарската политика на дискриминација против македонската нација и македонското малцинство.
Почитувани колеги по судбина и болка. Нашата партија беше формирана пред 26 години за да се бори за правата на македонското малцинство во Бугарија, но дури по една година беше забранета. Иако Европскиот суд за човекови права одлучи во наша корист, нашата регистрација никогаш не беше вратена – функционираме 23 години без неа, а тоа е судбината и на мноштво македонски невладини организации во Бугарија – и покрај 14 одлуки на Европскиот суд против Бугарија за тоа – ние немаме воопшто регистрирани правни или политички претставници во Бугарија.Бугарската официјална политика е преку асимилација, дискриминација, маргинализација да направи македонското малцинство да престане да постои. А бидејќи ние даваме отпор, сме објект на омраза и понижување како предавници. Немаме малцински права и не постои функционален правен инструмент во Бугарија за борба против дискриминацијата, а институциите на ЕУ гледаат немоќни.
Истиот шовинистички пристап е видлив во ставањето вето од страна на Бугарија против македонската евроинтеграција, инсистирајќи Република Македонија да се согласи дека не постојат такви работи како македонски јазик, историја, традиционална култура и особено да прифати дека во Бугарија нема македонско малцинство.
Бугарската политика е поигрување со системот за заштита на човековите права во Европа и Бугарија се залага тоа да се претвори во европска политика. Ова е крајно опасно бидејќи ќе засили многу тоталитарни тенденции во европските држави и ако најде поддршка може да влијае на малцинствата низ целата ЕУ.
Мора да ја подигнеме свеста не само за оваа по природа фашистичка политика на бугарската држава, туку и за општата празнина во европскиот систем што го дозволува тоа, давајќи им можност на националните држави да прават што сакаат со малцинствата на нивните територии.
Мора да најдеме начин да ги поттикнеме европските институции да се борат против таквата политика.
Потребен ни е суд за правата на граѓаните на Европската унија чии одлуки да бидат задолжителни.
Не треба да има можност за вето во ЕУ, освен за прашањата за човековите права.
И во сето тоа улогата на ЕФА БЕШЕ, Е и треба ДА БИДЕ клучна“, рече Стојков во обраќањето пред Генералната асамблеја на ЕФА.






