Информацијата дека речиси 45.000 работници два месеца годинава не добиле плата ги активира синдикатите и невладините организации кои се борат за правата на работниците. Но, владата молчи пред фактот дека законите и уставните начела во државата и натаму се кршат. Синдикатите и невладините се загрижени и од фактот дека освен што не се исплаќа плата, се дава и плата под минималната, што законски не е дозволено. И сето тоа незабележано поминува низ системот на Управата за јавни приходи, што не би требало да се случува. Тие тврдат дека работодавците измислуваат најразлични начини да протнат плата пониска од дозволената, или воопшто да не ја исплатат, а да ги платат само давачките кон државата и да бидат мирни.
Тие бараат да се подобри системот на плати на УЈП, за да може прво да се види дали платата легнала на сметка на работниците, а потоа дали се платени и придонесите кон државата.

Експерти, пак, тврдат дека непочитувањето на уставните начела и законите е одговорност на Владата и таа треба да преземе мерки ваквата практика да не се повторува. Потребно е зајакнување на инспекторатите, за да не можат да се правдаат за неработењето со тоа дека немаат кадар. Но, одговорност да се борат за своите права имаат и работниците кои одбиваат да се организираат и очекуваат некој друг да се избори за нивните права.
– Кога се има превид исплатата на пониска плата од минималната, или неисплаќање на платата, Законот за минимална плата ја утврдува постапката на надзор и таа му е дадена на Инспекторатот за труд. Колку тој ја извршил својата задача и дали има капацитет тоа да го стори, е посебно прашање. Но, владата не може да стои настрана од проблемот и да молчи, бидејќи тој орган е нејзин и одговорноста за спроведување на законите е нејзина. Таа е одговорна и со тоа што не го решила проблемот и го оставила Инспекторатот со недоволен кадар и без контрола. Според тоа, ако Владата вели дека го почитува уставот и законите, еве има прилика да го докаже тоа и со спроведување на законите поврзани со платите на работниците и да спречи работодавците да не исплаќаат плата или исплаќаат пониска од законската – вели професорот Здравко Савевски.
Тој додава дека колку што имаат спектар од средства работодавците да ги заобиколат законите, толку и работниците имаат спектар од средства тоа да го спречат, но треба да имаат желба тоа да го сторат.
– Основно е организирањето за да се спасат правата. А тоа кај нас во старт е слабата алка, бидејќи работниците од најразлични причини не се организираат и чекаат правата да им ги брани друг. Според мене, неморално е друг да се бори за твоите права. Тоа значи дека работниците треба самите да е борат за нив и да се организирани. Можат да ги информираат синдикатите или најразлични невини организации, а законска можност им е да пријават во Инспекторатот за труд, или да тужат. Но, треба да сакаат да се изборат за своите права – вели Савевски.
Според него, синдикатите можат да помогнат работниците да се изборат за своите права.





