Директорката вели дека сите надлежни работат на случајот

Родители од основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје бараат да се реши проблемот со еден ученик кој, според нив, носи ладно оружје во училиште и ги малтретира останатите ученици. Директорката на училиштето во изјава за МИА вели дека се преземаат сите законски мерки и дека во целиот процес се вклучени наставниот кадар и стручната служба.
Таа истакнува дека во училиштето се превземаат сите законски мерки во врска со ученикот и засилено е вклучувањето на наставниот кадар, стручната служба и директорот во периодот кога тој е присутен на настава. Вклучени се и останатите институции (Општина Аеродром, Педагошката служба при МОН, МЦСР, МВР, ДПИ).
-Во време кога се случи трагичниот настан во Белград сметам дека родителите треба да се воздржат од создавање на паника и да посветат поголемо внимание со своите деца. Стручната служба во училиштето во континуитет одржува работилница во врска со спречување на меѓуврсничкото насилство. Апелирам, родителите да го почитуваат куќниот ред и правилата во училиштето заради безбедност на учениците, вели директорката Анета Велкоска.
Родителите во писмо испратено до дел од медиумите апелираат да се реши проблемот. Тврдат дека се обратиле до Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Општина Аеродром и до социјалните служби, но дека од никаде немаат повратна информација. Според нив, ученикот носел нож во училиште и им се заканувал на учениците.
– Бојкотиравме и настава, свикавме и итна родителска средба во присуство на директорката на училиштето, каде што ни вети некои санкции. Првата беше постојано присуство на часови од личност назначена од директорот – тоа не се случи, зголемено надгледување од страна на дежурни наставници пред нивната училница зборот не беше одржан. Во меѓувреме се случија и други насилства. Истото дете постојано го ремети наставниот процес. Беше поднесено барање до дирекцијата на училиштето, Општина Аеродром и МОН, Центарот за социјало, за преместување на ученикот во друго училиште, се наведува во писмото од родителите.
Директорката на училиштето апелираше до медиумите да се внимава при пренесувањето на вакви сензитивни информации бидејќи, како што вели, самиот наслов во објавите предизвикува вознемиреност, а за веродостојност на целата ситуација предлага во иднина медиумите да побараат информации и од училиштето.





