Работникот што зема минималец треба да работи речиси 8 месеци за да стигне до функционерската плата, а оние кои едвај стигаат до просекот, треба да работат пола година за таа сума. Граѓаните се револтирани зашто не можат да закрпат крај со крај, додека владините функционери дебело се офајдија со зголемени плати за 78%. Претседателот на државата Стево Пендаровски рече дека ја добил зголемената плата за над 1.000 евра. Вели дека сите знаат дека таа сега ќе изнесува над 2.500 евра.

И додека едни тријат раце, други се во исчекување, зашто парите уште не им легнале на сметка. Еден од нив е министерот за внатрешни, кој срамежливо вели дека уште не ја земал платата.
Дали им легнале платите на најскапо платените функционери во државава, собранискиот спикер и премиерот, барем за сега не знаеме. Согласно новото зголемување, Талат Џафери ќе биде политичарот со највисока плата во државава од 166.000 денари, по него шефот на државата кој ќе добие 1.500 денари повеќе, а премиерот Димитар Ковачевски ќе земе 156.000 денари или над 2.500 евра.
Дебело се офајдија и вицепремиерите, на чии сметки ќе легнат суми од 122.000 до 129.000 денари. На сметките на пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалничката на Скопје, јавниот и народниот правобранител ќе „легне“ плата од над 120.000 денари.

Дополнително, она што иритира е зошто нема ништо од законското решение кое го најавува Владата, а кое треба да донесе пресметка со пониски коефициенти.
И додека функционерите ужуваат со огромни плати и се привилегирани во однос на обичните граѓани, во Македонија живеат речиси половина милион од населението едвај го преживува месецот, односно живее на раб на сиромаштија, со помалку од 100 денари дневно.
Во меѓу време, над 44.000 работници не добиле плати за февруари и март, а на работодавачите им се заканува блокирање на сметките на компаниите.





