Заплашувањата вродија со плод – македонскиот културен клуб во Благоевград мора да се премести

Клубот не се затвора, но ќе мора да се премести, затоа што сопствениците беа заплашени неколку пати и не смеат да продолжат со договорот. Клубот таму престојуваше една година, се вели во соопштението на ОМО Илинден Пирин по шпекулациите дека македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград се затвора.



Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ не се затвора, се преместува

„Сите членови на сите организации се канети и примани во клубот. За присуство во клубот и учество во неговите активности или организираните од него свечености од никого ништо не е барано.

Бугарските власти вложуваат огромен напор да не дозволат да се отворат македонски клубови или да им се одземат просториите на оние што постојат. Во такви услови ширењето на навреди, дезинформации и полувистини само дополнително ја влошува и без тоа тешката борба на Македонците во Бугарија.

Апелираме кон медиумите за повеќе професионализам – кога има такви информации кои го уриваат угледот и достоинството на македонски организации или активисти овде да не ги објавуваат без да ги проверуваат. Многу од шпекулациите ќе беа избегнати ако едноставно беа консултирани членовите на клубот.

Апелираме до сите Македонци да не веруваат на непроверени негативни информации од било кого за било кого“, соопшти ОМО ИЛинден – Пирин.