„Материјалот, односно тестовите за државната матура не се доиспечатени, но не е само тоа. Треба да се одредуваат тестатори, треба материјалите да се дистрибурираат, а времето поминува“.
Ова за Фактор го вели Емилија Бошковска, претседателка на Синдикалната организација на ДИЦ (СОДИЦ), вели дека како испитен центар на ниво на држава имаат уште многу работа околу подготовката за државната матура, но сите процеси се стопирани поради генералниот штрајк во кој стапија вработените.
Според Бошкоска неизвесно е кога ќе се одржи тестирањето за државната матура, а вчера не се одржа ниту тестирањето по природни науки и математика кое е во рамки на меѓународното тестирање ТИМСС за четвртоодделенците, а кое исто така го спроведува Државниот испитен центар бидејќи досега немаат никаков одговор од Министерствот за финасии во однос на нивното барање за зголемување на платите.
„Барањето до Министерството за финасии со наведените измени во Колективниот договор го испративме во периодот од 10. април до 24. април, но дотогаш не добивме никаков одговор. Во генерален штрајк сме од 24. Април, значи повеќе од една недела и одговор се уште нема. Сите процеси ги запревме. (…)
Ако наскоро биде позитивно решено нашето барање, ние сме подготвени секако да работиме дење-ноќе, прекувремено, викенди.
Но, не сум сигурна дека и тоа би било доволно за да се стигне со првиот испит, односно полагањето на предметот по мајчин јазик да се одржи на 27мај. Се’ зависи од Министерството за финасии, а секако и од Министерството за образование. Но, мора ние да имаме чиста ситуација за да ја продолжиме работата. Доколку ништо не се случи, агонијата ќе продолжи“, вели Бошковска за Фактор.







