Договорот со „Бехтел и Енка“ ќе може да го видат само пратениците со безбедносен сертификат

Да го прочитаме целиот Договор со „Бехтел и Енка“, а потоа да се одржи затворена седница, а не да ни биде презентиран парцијално од потписниците, е барањето на ВМРО-ДПМНЕ, откако собранискиот спикер Џафери и владејачките партии и понудија на опозициската партија да избере кој и ден и на која комисија во Собрание да расправаат за тајните документи.



Повикувајќи се на претходни искуства кога на увид им биле доставувани класифицирани договори на пратениците со безбедносни сертификати, Антонио Милошоски вели дека извршната власт нема право да го крие од нив планот за изградба на автопатите. Наспроти тоа, тврди дека пратениците од ДУИ и СДСМ кои поднесоа законски измени поврзани со договорот со Бехтел и Енка, го добиле на увид, а дел од нив воопшто немале сертификат за доверливост.

  • Ние не бараме Договорот некој министер да ни го раскажува, ние бараме и имаме право Договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страни договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме. За да има комисиска расправа мора да има материјал. Не може да има седница ако нема материјал. Ако можел некој пратеник, колега, да има увид во договорот без безбедносен сертификат и да прави предлог за законски измени на осум клучни закони вклучително и законот за работни односи, тогаш можат сите пратеници да го добијат договорот, вели Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во ваквиот став СДСМ гледа свесно одолговлекување за да се создава паника кај граѓаните. Податоците кои ги објавува опозициската партија за трансакциите кои државата почна да ги плаќа кон изведувачите, според власта се јавни информации кои произлегуваат од програмата за финансирање на инфраструктурата и како што велат оттаму, нема ништо спектакуларно.

  • Јас верувам по нивната логика дека одолговлекувањето им одговара токму поради тоа што им дава време да продолжат да шират лаги, да шират манипулации но и да нанесат штета и на граѓаните и на државата. Се надеваме дека конечно ВМРО-ДПМНЕ ќе се вразумат и ќе кажат на која собраниска комисија сакаат да се разгледува договорот за овој стратешки национален инфраструктурен проект којшто е најголем од независноста до сега, вели Богданка Кузеска од СДСМ.