Цуцуловски: Иронично е Гарет да нè бодри за ЕУ, а неговата земја прва излезе

Професорот Љубомир Цуцуловски реагира на интервјуто на британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, објавено денеска на Радио Слободна Европа.



„МАЛКУ Е… Малку е необично, можеби и иронично, амбасадор на странска држава, која прва (и единствена досега) ја напушти ЕУ, да ја подржува и да ја бодри Република Македонија затоа што (можеби) наскоро (кон средината на 2018) ќе ги започнела преговорите за влез во ЕУ. Оваа подршка/охрабрување ја даде амбасадорот на Обединето Кралство во Македонија, господинот Чарлс Гарет, во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Многупати помислувам дека необични се патиштата божји, но дека уште понеобични се патиштата политички. Дипломатски или не, тоа е сеедно, бидејќи некои се надеваат и нѐ охрабруваат дека ќе влеземе таму од каде самите тукушто излегоа“, напиша македонскиот филозоф, писател, есеист и теоретичар на својот профил на „Фејсбук“.

Реакција на интервјуто стигна и од Македонско движење за човекови права од Њујорк и Њу Џерси.

„’Чарлс Гарет: Останува ризикот од нова политичка криза поради бојкотот на опозицијата во парламентот’. Оваа изјава е толку навредлива и груба. Вие јасно работите напорно и ја притискате Република Македонија да се самоубие“, порача Движењето на „Твитер“.