Македонија одново подобра од Турција за печат врз осмиот пласман на ЕП во ракомет

Потешко од очекувањата, но, сепак, повеќе од доволно за шеста победа во шестиот меѓусебен дуел, машката ракометна репрезентација на Македонија ја совлада Турција со 30:27 во Скопје, за второ место во првата квалификациска група и заверка на пласманот на Европското првенство 2024 во Германија.



По триумфот од 36:27 во првиот натпревар во Ван, изгледаше нестварно водството на Турците од 24:20 во 45. минута, но непријатно изненадување спречија расположениот голман Мартин Томовски со своите 17 одбрани и „џокерот“ Марко Митев со неговите пет гола, од кои три кога се градеше пресвртот.

Токму Митев и Жарко Пешевски беа најефикасни во македонскиот тим, од кој на 36 години се прости десното крило Гоце Георгиевски, и тоа со гол од седмерец, со кој стави точка на победата на „црвено-жолтите“. По завршувањето на средбата репрезентативните колеги на популарниот Џомба со кревање на раце му се заблагодарија за 16. години во националниот дрес.

Дамка врз мечот во кој избраниците на селекторот Кирил Лазаров го потврдија своето осмо учество на европските шампионати стави тешката повреда на Филип Кузмановски, кој во 23. минута лошо доскокна и на носилки беа изнесен од теренот.