Аирлија: Функционерите наскоро ќе ги добијат првите плати покачени за 78%, додека обичниот граѓанин мака мачи да преживее

Функционерите за неколку дена ќе почнат да добиваат плати повисоки за по околу 1.000 евра, откако Уставниот суд ја одмрзна основицата за пресметка и на таков начин овозможи раст на платите од речиси 80%. Платите за месец април на претседателот на Уставниот суд и на потпретседателите на Собранието ќе се зголемат за плус 60 илјади денари, а на министрите и пратениците за околу 56 илјади денари.



Функционерите се наградени со повисоки плати за 78% или за околу 1.000 евра. Сето ова доаѓа по одлуката на Уставниот суд кој на 21 март го укина замрзнувањето на член од Законот за плати каде што коефициентот се пресметува во зависност од позицијата, но за основна плата се зема онаа од минатата година на истите државни функции. Самиот претседател Пендаровски ја објави пресметката на неговата плата. Досега земал 92 илјади, а од утре-задутре на сметка ќе му легнуваат по 165 илјади, односно од 1.500 евра на над 2.500 евра.

По жестоките реакции во јавноста за одлуката на Уставен, Владата најави дека се размислува на намалување на коефициентите за пресметка, а потоа и дека ќе се крои нов закон кој ќе ги регулира платите, но кога тоа ќе се случи се уште точно не се знае.

Од друга страна, просечната нето плата во Македонија сега изнесува околу 34 илјади денари, а минималната 20.185 денари. Работник со минимална плата би требало да работи осум месеци за да го заработи тоа што би го заработил премиерот или претседателот за еден месец. На работник со просечна плата пак, ќе му требаат речиси пет месеци за да ја заработи платата на премиерот или претседателот. Деновиве Светската банка ја предупреди Владата дека во услови на економска криза не е во ред да се зголемуваат платите на функционерите.