Потпретседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, вели дека експертите погрешно го толкуваат разрешувањето на претседателката Весна Дамева.
Во интервју за Порталб Адеми објаснува:
„ Со 8 гласа се разрешува од член на Судскиот совет, но Весна Дамева не е разрешена од функцијата член на Судскиот совет, таа продолжува да биде член, таа е разрешена од функцијата претседател.
Претседател се избира со 8 од 13 членови на Судскиот совет, но со Законот не е регулирано со колку се разрешува и тука е правната дупка.
Никаде не пишува дека ако те избираат со 8 гласа и те разрешуваат со 8 гласа. Добро би било Комисијата за реформи во Министерството за правда да го регулира ова прашање“ вели Адеми.
„Во советот имавме мнозинство и беше гласано 7 спрема 5. Советот брои 13 членови, плус 2 чена без право на глас, но Законот се однесува на 13 членови кои имаат право на глас, значи 7 е мнозинството во секоја одлука на Судскиот совет, доколку со закон не е предвидена друга процедура“, толкува Адеми.
Тој објаснува дека иницирал гласање за смена на Дамева, а причината наводно била дека го криела писмото на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, испратено на 11 април, во кое таа изразува загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од високи профили.






