До 6 мај треба да се платат пенали, вели Мицкоски, Бочварски пак тврди дека нема да има пенали и не мора да се менуваат закони

Државата до 6 мај ќе треба дополнително да и плати на „Бехтел и Енка“ пенали затоа што се уште не е донесен законот со кој наместо 40 ќе се воведе 60 часовна работна недела. Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако вчера обзнани дека во средата од Трезорот биле префрлени 117 милиони евра кон Јавното претпријатие за државни патишта наменети за подготвителни работи за коридорот 8 и 10Д.



  • „Вториот дел е пеналите кои што треба да се платат поради тоа што не е променет законот за работни односи во рок од 45 дена од потпишување на договорот. А тој датум заврши на 22 април. И таа сума која што треба да се плати по еден основ е минимум 53 милиони евра. Ако ме прашувате кога тие треба да се платат, тие треба да се платат во ток од 2 недели откако ќе изминат оние 45 дена предвидени да се смени законот за работни односи и да се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа а тој ден истекува на 6 мај“, вели Христијан Мицкоски.

Не е точно дека имаме обврска да менуваме закони вели Бочварски. 

  • „Пенали во договорот нема. Доколку државата не ги смени законите, не се донесат законите во Парламентот, ние продолжуваме со работа по постојната законска регулатива. Од исклучително значење е тоа да го знаат граѓаните. Ако останеме со оваа регулатива продолжуваме со работа. Не е точно дека државата е обврзана  да менува закони. Државата,  односно Владата, Парламентот и сите институции, можат да продолжат со реализација на Договорот согласно постојната законска регулатива“, вели Благој Бочварски.

Бочварски додаде и дека измените на законот за работни односи се бара за да се овозможи изградбата на коридорот 8 и 10Д да се одвива побрзо и поевтино.