Клуч на врата за уште еден моден синџир на продавници, фирмата остава на улица над 400 работници

Речиси не поминува една недела без лоши вести од германската модна индустрија. Во изминатите денови неколку трговски синџири поднесоа барање за стечај или прогласија банкрот. Гери Вебер, Примарк, производителот на машка облека Ahlers AG со 400 работници од Северна Рајна-Вестфалија, се само некои од многуте што се борат да опстанат.



Најновата вест за затворање продавници доаѓа од модниот синџир „Запата“, пренесува „Бизнисинфо“.

Како што известува списанието „Текстил Виртшафт“, модниот синџир „Запата“ ги затвора своите продавници шест месеци откако компанијата со седиште во Вирцбург поднесе барање за стечај пред Окружниот суд во октомври 2022 година, по вторпат во својата речиси 40-годишна историја, пишува магазинот „Феникс“.

Ниту нивната онлајн-продавница отворена во 2017 година веќе не може да се пристапи. Ако се обидете да пристапите на веб-страницата, ќе се појави само порака за грешка на адресата zapata.de.

Кога на 1 јануари 2023 година беше отворена стечајната постапка, сѐ уште имаше надеж за тогашните 35 работници. Но, разговорите со заинтересираните страни не довеле до посакуваниот резултат. Стечајниот управник Матијас Рајнел рекол дека „и покрај интензивните напори, не е можно да се продолжи“.

Како причина за крајот била наведена актуелната тешка состојба во секторот на малопродажба, од која трпи и инсолвентниот гигант на стоковни куќи „Galeria Karstadt Kaufhof“.

Запата е основана во 1985 година. На својот врв, компанијата управуваше со околу 15 локации. Тие се главно познати во јужна Германија и нудеа облека од различни брендови во секторот „урбана облека“. Имаа продавници во Пасау, Аугсбург, Ној-Улм и Вирцбург.

Според последните податоци, прометот на комерцијалниот моден синџир бил само 5 до 6 милиони евра годишно.