Некои немаат ни за првомајска скара, но некои имаат и за продолжен викенд. Трета сабота по ред на граничниот премин Богородица има километраски колони и се чека и над еден час за излез од Македонија и влез во Грција. За разлика од минатите два викенди, овојпат долги колони и гужви има и на преминот во Дојран. Најголем број од возилата се со македонски и српски регистрации.

Се чека во неколку редици, а поради долгата колона, граѓаните чекаат и надвор од автомобилите. Отворени се пет пунктови на МВР за проверки, за премин на границата.
Не е различна сликата и на ГП Стар Дојран каде заради колоните кај Гевгелија за влез во Грција, возачите самоиницијативно се пренасочуваат преку Дојран. Низ овој граничен премин до 10 часот претпладне преминале 2.680 патници од кои 1.190 се македонски, а излез од државата оствариле 960 патници. И таму се чека за излез од државата.
Според камерите на ЈП Државни патишта, гужви и колони со патнички возила на ГП Богородица имаше и во текот на пладневните часови.
Според АМСМ, ова е еден од двата гранични премини каде е забележана гужва од утринава. Подолго време на чекање има и на Табановце, за влез во Македонија од Србија.





