Анализа: Вишок пченица, кусок памет што со неа

Ако државата сака да ги поттикне земјоделците да произведуваат поголеми количини пченица, треба да обезбеди интервентен откуп на пченицата од ланската реколта која остана во амбарите на земјоделците, велат земјоделците, опозицијата и економисти.



Досега нема реакција на Владата по ова прашање иако Mинистерството за земјоделство веќе e информирано за проблемот, анализира Плус инфо.мк.

Земјоделците деновиве алармираа дека во нивните амбари останаа неоткупени меѓу 6.000 и 8.000 тони пченица од ланската реколта и побараа владата да најде решение на проблемот преку откупи за стоковите резерви.

– Упатуваме апел до мелничарите во Македонија и до надлежните институции во државата, да се откупи пченицата од овие луѓе кои сè уште ја чуваат, а не да се увезува од Србија, како што имаме непотврдени информации. Ова е вистинското време и што поскоро да се реагира зашто во тек се прихраните на новиот род, а и доцни втората прихрана, а на луѓето им се потребни средства. Производителите сега не бараат многу. Бараат цена, барем да се покријат производните трошоци и трошоците за складирање. Тоа е околу 22 денари за килограм – изјави земјоделец од Прилепско.

И Здружението на фармери деновиве побара државата да ги откупи останатите количини пченица за стоковите резерви, со што ќе ги стимулира земјоделците и натаму да ја произведуваат. Побараа и пазарот да биде независен од увозот.

Од Здружението на мелничари, пак, веќе кажаа дека работат со намален интензитет и со скапи репроматеријали и немаат пари да платат нов откуп или увоз на пченица, пишува Плус инфо.мк.

Линк до велата анализа.

https://plusinfo.mk/vishok-pchenica-kusok-pamet-shto-so-nea-zem-odelcite-baraat-interventen-otkup-vladata-gi-ignorira/