Во Србија живеат 14.767 Македонци, речиси 8.000 помалку од претходниот попис!

Вкупно 14.767 жители на Србија или 0,22 проценти од вкупниот број на населението се изјасниле како Македонци на пописот спроведен минатата година, чиишто конечни резултати ги објави српскиот Републички завод за статистика.



Во однос на претходниот попис од 2011 година бројот на Македонци кај северниот сосед се намалил за 7.988 и ова е најмала бројка од првиот повоен попис во 1948 година, кога во Србија биле регистрирани 17.917 Македонци.

Од пикот во 1981 година, кога биле преброени 48.986 Македонци, нивниот број континуирано опаѓа, па во 1991 година биле запишани 45.068, во 2001 година 25.847 и во 2011 година 22.755.

За разлика од постојаниот пад во последните 42 години, на пописите по Втората светска војна бројот на Македонци во Србија константно растел, па во 1953 година биле изброени 27.277 или речиси 10.000 повеќе од 1948, во 1961 година нивниот број достигнал 36.288, а во 1971 година 42.675.

Бројот на Македонците во ексјугословенската република ја следи судбината на вкупниот број на населението, кој лани изнесувал 6.647.003 жители или речиси половина милион помалку од 7.186.862, а рекордот е 9.313.676 жители во 1981 година.