Преку блок трансакција вчера во еден наврат беа продадени акции на најголемата банка во земјава, Комерцијална, за сума од 2,5 милиони евра, анализира „Фактор“. Станува збор за продадени нешто повеќе од половина процент од акциите на Комерцијална банка, или прецизно 0,56 проценти. Тоа значи дека некој вчера преку берзанска блок трансакција продаде, а друг купи, 0,56 отсто од акциите на Комерцијална банка, и за нив плати сума од 2,5 милиони евра, или перецизно, 2,44 милиони евра.

Ова се деталите за блок трансакцијата. Биле истргувани во еден наврат количина од 12.875 акции на Комерцијална банка, по цена од 11.650 денари за акција. Тоа значи дека вкупната сума на берзанската блок трансакција изнесувала 149.993.750 денари, или 2,439 милиони евра.
Ако се има предвид дека Комерцијална банка има издедено вкупно 2.279.067 акции, ова значи дека продадените 12.875 акции од блок трансакцијата се 0,56 проценти од капиталот на банката.
Доколку се погледнат тргувањата во последниве неколку дена, може да се забележи дека во понеделникот просечната цена по која се тргувале акциите на Комерцијална банка на редовното тргување, изнесувала 11.898 денари за акција, во вторникот таа била 11.909 денари за акција, во средата 11.999 денари за акција, а вчера просечната цена на акцијата на редовното тргување била 12.123 денари.
Ова значи дека блокот помина по пониска цена од цената што ја достигнуваат акциите на редовното берзанско тргување, каеде цената особено се зголеми вчера, практично на истиот ден кога помина и блок трансакцијата, надминувајќи 12 илјади денари за акција.
Инаку, Фактор ја објави информацијата за одличниот квартален резултат на Комерцијална банка. Со него банката ја потврди својата лидерска позиција на банкарскиот пазар. За првите сто дена од годинава најголемата банка според активата направи добивка која е најголема во корпоративната историја на македонското банкарство. Имено, за првите 100 дена од годинава банката на своите акционери им носи профит од 16,9 милиони евра! Ова е досега најголема добивка за квартал во историјата на македонското корпоративно банкарство.
Дополнително, во споредба со истиот период лани профитот на Комерцијална банка е удвоен. Добивката што најголемата банка според активната ја објваи сигурно ќе охрабри и други инвеститори дека акцијата на ова голема македонска банка е една од бест-бај акции на нашиот пазар.
Инаку, според последната состојба на Централниот депозитар за хартии од вредност, која датира од понеделникот оваа недела, сеуште единствен акционер со над 5 отсто акции во Комерцијална банка е градежната компанија „Адора инжинеринг“, која располага со 14,99 отсто од капиталот, односно нејзиниот акционерски пакет е непроменет долг период наназад. Како вчерашната блок трансакција ќе влијае на акционерската структура, и дали ќе има промени после продажбата на овој половина пропцент од акциите, останува да се види после неколку дена.





