Борко Ристовски нема намера да ја се жали за четиригодишната суспензија од Македонскиот олимписки комитет (МОК), бидејќи така би ѝ дал легитимитет на одлуката, туку битката против претседателот Даниел Димевски ќе ја продолжи пред Арбитражниот спортски суд во Лозана.
Таму ќе бара отштета меѓу 180 илјади и 230 илјади евра, а која било сума што би ја добил ќе ја уплати по половина на сметките на ракометниот и на фудбалскиот клуб Вардар.
„Мислам дека Даниел Димевски се прецени. Треба добро да го знае човекот кого го напаѓа. Се реши за банална дисциплинска казна, можеби мислеше дека ќе ме замолчи, но само ми даде сила да излезам со сите документи. Не знам со кого Димевски си имал работа досега, но јас се познавам себеси и нема да се откажам од намерата него да го нема повеќе во македонскиот спорт“, порача на прес-конференција голманот на Вардар и долгогодишен ракометен репрезентативец на Македонија.
„Оваа казна се базира на страв и на немоќ, не е правно издржана. Димевски можеби мисли дека со неа ќе ме одврати од намерата да го завршам она што сум го почнал. Човекот кој знае дека има многу индиции за сторен криминал, по едно мое ТВ гостување, во кое кажав она што го имав да го кажам, одлучи да се затскрива зад МОК, доведувајќи го во подредена положба“, нагласи Ристовски, кој вeрува дека од денеска ќе се сврти нов лист во македонскиот спорт.






