„Сакана Кате, немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото, кое што беше цел и смисла на мојот живот. Да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана ценета Македонија. Сигурно ќе прашаш: Неопходно ли е да умрам? За мене нема друг излез. … Да умрам за мене е врховна повелба на мојата совест. Зошто ми е живот лишен од слобода? Не, претпочитам да умрам! Со мојата смрт ќе им го фрлам мојот безграничен презир на непријателите, на поробувачите на мојата татковина. Орце, првиот и последен од гемиџиите, од самооткажаните” – овие зборови се дел од љубовното писмо, напишано во 1903 година, кое и го оставил на својата девојка Јордан Поп Јорданов – Орцето, македонски револуционер – анархист, член на илегалниот терористички кружок Гемиџии, кои кон крајот на април 1903 година ги извршија познатите Солунски атентати
Идеја за лична саможртва за македонското револуционерно движење
Само Македонија пред почетокот на 20 век останала во границите на Отоманската Империја. Незадоволни од ваквата ситуација и поради теророт на самоволните турски паши Македонците ги започнуваат своите акции за ослободување. Највпечатливи се самоубиствените анархистички акции на Македонските гемџиии, или познати како Солунските атентатори. Солунските атентати претставуваат низа бомбашки напади во Солун, извршени од 28 април до 1 мај 1903 година од страна на Гемиџиите – анархистичка револуционерна група. Целта на овие напади била да се нападне најзначајниот европски град во Османлиската Империја, за да се привлече вниманието на големите сили врз македонското прашање.
Кружокот на Гемиџиите се формирал со идеја со саможртва да се помогне на револуционерното македонско движење. Водач на кружокот бил Јордан Поп Јорданов – Орце (1881 – 1903), помал брат на Миле Поп Јорданов (опеан во народната песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“). Орце бил душата на кружокот, млад, интелигентен, начитан, со силна волја. Неговата верба во исправноста на избраниот пат – жртвата за татковината, е водилката во делото на Гемиџиите.
Потесниот круг гемиџии биле: Димитар Мечев-Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, сите од Велес, Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид. Другите членови на кружокот биле: Георги Богданов, Милан Арсов, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минов, Начо Стојанов, Гоце Чанев, Цветко Наумов и др.
Подготвени за акциите и да умрат за Македонија
Планот на Гемиџиите од последното советување одржано надвор од градот Солун бил: да се потопи францускиот брод, да се минира пругата во близина на солунската станица, да се запали резервоарот за газија од којшто се осветлувал градот, да се дигне во воздух Отоманската банка, да биде запален Бошнак-ан и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата. Секој имал своја задача и определено време за акција. Учесниците биле целосно посветени на делото и подготвени да умрат за Македонија. Нивната цел биле само објекти, но не и невини човечки жртви. Тие го жртвувале само сопствениот живот.
На 28 април Павел Шатев го потопил со динамит францускиот брод Гвадалкивир. Акцијата била успешна, бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени. Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов го креваат во воздух возот на линијата Истанбул-Солун. И при оваа акција немало жртви. На 29 април Константин Кирков поставил два килограма динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град бил во темнина и без вода. Завладеала паника, хаос и страв. Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, Jордан Поп Јорданов (Орце) ја крева во воздух зградата на „Банк Отоман“ во градот.
Во истото време Милан Арсов фрлил бомба во кафеаната „Алхамбра“, а Владимир Пингов пред вратата на Топхането (турската државна управа) и е застрелан од војници. Костантин Кирков фрла бомба пред солунскиот „Гранд хотел“. На 30 април Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од многубројната турска полиција. Истиот ден во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Поп Jорданов. На 1 мај Илија Трчков фрла неколку бомби на централната улица во Солун.
Димитар Мечев фрла бомба пред хотелот „Египет“, а Георги Богданов ја крева во воздух кафеаната „Ноја“. Мечев и Трчков се убиени од турската полиција, а Богданов е уапсен. Истиот ден Цветко Наумов (од Ресенските гемиџии) прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехти паша. Откако не успева, се самоубива, активирајќи бомба.
За време на атентатите се убиени: Јордан – Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Наумов, а уапсени се: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие отпрвин се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан, во Либија. Од сите нив жив останува само Павел Шатев, кој е амнестиран 1908 година по Младотурската револуција. Подоцна, тој ги запишува спомените за Солунските атентати и за своите другари.
„Сакам и со својата смрт да бидам во полза на делото – ослободувањето на нашата скапа и сакана Македонија“
Јордан Поп Јорданов – Орцето сакал и со својата смрт да биде корисен за револуционерното дело и својата татковина Македонија. Тој непосредно пред Солунските атентати се осигурал во друштвото Њујорк на 10.000 франци и тоа на името Симеон Радев. Орцето го замолил Симеон Радев осигураните 10.000 франци по неговата смрт да му ги предаде на Борис Сарафов. Во писмото до Радев тој истакнал: „Пред неколку месеци се осигурав на 10.000 франци, која сума по мојата смрт ќе ти биде исплатена. Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото, за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија“
Во 1923 година Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“ запишал: „… великите македонски покојници во Солун беа се заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на Идејата, но не и на славата. Таму, во урнатините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни. … Од моментот кога Орце го запали фитиљот во Отоманската банка – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да станат првите светци на македонската револуција…“
„Македонскиот идеал во лицето на Солунските атентатори беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата… Тешко ќе биде за историчарите да определи кое од двете собитија – Солунските атентати, или Илинденското востание – било позначајно, што било повеличествено: дали примерот на личната бестрашност, или системската подготовка на масите за револуцијата. И ако Илинденското востание донесе едно самоосознание на македонските маси, Солунските атентати се оној поттик, кој што го создава македонскиот идол на револуцијата, на кого ќе му се восхитуваат вековите… Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија.“
Судбината на Павел Шатев
Пред крајот на Втората светска војна Павел Шатев е избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ и се вклучил во политичкиот живот на македонската држава. Прво е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. Но, за време на Информбирото, во јуни 1949 година Шатев е уапсен „како можен непријател на државата“ без конкретно обвинение. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, а потоа е испратен во Битола, во домашен притвор. Зимата 1950-51 се разболел, го сместиле во битолската болница во одделот за затвореници каде што во јануари умрел, поради недоволна исхранетост. Властите не дозволиле да биде погребан во родното Кратово и затоа е закопан на битолските гробишта, во присуство на само петмина: сопругата, сестра му и уште три блиски роднини. Дури по 55 години, во 2006 година за првпат делегација положила цвеќе на неговиот гроб.
Подготвил: Свето Тоевски





