Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска реагира на одлуката на Советот на обвинители да покрене постапка против обвинителката Ленче Ристовска за наводно прекршување на етичкиот кодекс на јавното обвинителство.
,Морал и етика, иако често поистоветувани термини, се различни (дебатата е голема). Сепак, симплифицарано, се сведува на способноста да разликуваш добро од лошо и сет на правила со кои се моделира добро однесување и добри практики.
Но, тие некогаш се и контрадикторни. На пример:
Колку и да е предвидено во акт кој се вика Етички кодекс, нема ништо етичко во тоа да им ја затнеш устата на тие кои имаат информации дека не си морален во извршувањето на функција од јавен интерес.
Медиокритетите од Совет на обвинители својата улога не ја разбираат како чувари на етиката на обвинителите, туку ја разбираат како инквизитори -ги ловат сите што се осмелуваат да им ја разоткријат неморалноста.
Да беа трошка заинтересирани за “докази” ќе излезеа со став дека по повод изјавата на Ленче Ристовска ќе обезбедат или ќе ги зајакнат и подобрат интерните процедури за безбедно и анонимно пријавување на сознанија за тргувања со влијание, ќе ја повикаа во колегијален манир да даде доверлива изјава за тоа што го знае со обезбедување соодветни гаранции, ќе ставеа точка на дневен ред за да се дискутира како да ги охрабриме обвинителите или кандидатите да пријавуваат на вистинското место за да не мора да бараат други начини за постапување во согласност со својот морал”, смета Јошевска според која обвинителите мораат самите да си ги обезбедат овие права, самите да сакаат да се слободни, самите да разликуваат добро од лошо, самите да бидат морални и да дадат енергија за промени.






