Ана Дурловски: Луѓето во Македонија се плашат!

Ана Дурловски, сопруга на притворениот оперски пејач Игор Дурловски за настаните од 27 април, ја отвори душата за медиумите на германски јазик по настапот во операта „Ариоданте“ во Штутгартска државна опера.



За тоа што му се случува на познатото оперско семејство по апсењето на Игор на 28 ноември австрискиот весник „Клајне цајтунг“ објави текст со наслов „Оперската пејачка Ана Дурловски доживува драма надвор од сцената“, а германскиот весник „Зидвест пресе“ својот напис го наслови „Оперската ѕвезда Ана Дурловски се жали на репресија во Македонија“.

 „Луѓето во Македонија се плашат“, изјави сопранистката од светски глас, жалејќи се на репресија врз дисидентите во татковината, вклучувајќи го и сопругот Игор, кој е дел од групата од 36 лица обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста.

„Сигурна сум дека не е виновен“, вели таа за басот што публиката во Штутгарт го памети по операта „Беренике, кралица на Ерменија“. „Адвокатите зборуваат за политички прогон“, додава и потоа го опишува приведувањето на нејзиниот сопруг: „Петнаесет униформирани мажи пристигнаа на 28 ноември во 6 часот и го зедоа Игор со нив пред нашиот најстар син“.

Ана Дурловски потсетува дека Игор мирно демонстрирал 60 дена за Македонија, во која се вратиле по повеќегодишна „привремена работа“ во Австрија и во Германија, вклучувајќи ги и последните шест години во Штутгарт.

„Иако многу луѓе во Македонија сакаат да одат на Запад, пред две години решивме да го преземеме спротивниот чекор, бидејќи сакавме да работиме со нашето германско искуство таму за нашата земја“, вели мајката на три деца и прва Македонка што настапила во операта „Метрополитен“ во Њујорк. „Можеби поради нашите години на Запад поверувавме во слободата на мислата и ја отворивме устата премногу“.