ВМРО-ДПМНЕ контра Груби: Средба за „Бехтел и Енка“ никогаш немало

ВМРО-ДПМНЕ ги демантира тврдењата на првиот вицепремиер Артан Груби дека од оваа поартија имале средба во врска со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, пренесе 360 степени.



„Не сме имале таква средба, ние сме децидно против вакви закони. Средби во минатото сме имале за многу теми, но не конкретно за ‘Бехтел и Енка’, и со многу претставници од ДУИ и од другите партии, како и со други министри, но таква средба за ‘Бехтел и Енка’ немало“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Владо Мисајловски во синоќешното гостување на ТВ 21.

Првиот вицепремиер Артан Груби, во своето вчерашно обраќање во Стопанската комора на Македонија рече дека во неколку наврати имал средби со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и двајцата потпретседатели на партијата, Александар Николоски и Владо Мисајловски во врска со специјалниот закон за стратешки партнер за изградба на коридорите.  

„… јас се сретнав во неколку наврати со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а тој се сретна и со претставниците на ‘Бехтел и Енка’. Јас, исто така, се сретнав со Владо Мисајловски, поранешниот министер за транспорт и врски и со Александар Николоски во врска со специјалниот закон и другите законски измени“ тврдеше вчера Артан Груби.