По писмото од амбасадорката на САД Анџела Агелер се случува хаос во правосудството.
Денеска наместо да го разрешат судијата Енвер Беџети, членовите на Судскиот совет, предложени од редовите на партиите, со своевиден пуч ја разрешија претседателката на Советот, Весна Дамева, објави Алсат М.
Телевизијата пишува дека во ситуација оркестрирана од потпретседателот на Советот, Селим Адеми, инаку поранешен функционер на ДУИ, самиот тој иницирал разрешување на Дамева, за евентуално да не дојде до разрешување на Беџети, било седма точка на дневниот ред.
Селим Адеми на оваа функција е 10 години. Тој гласаше за назначување на Данева за претседателка на Советот во декември, но денеска упати низа обвинувања против неа. Откако самата одби да поднесе оставка, Адеми со помош на колегите Милазим Мустафа, Мирсад Сурои, Ханиф Зендели, Лорета Георгиева, Павлина Црвенковска и Сашо Георгиевски, повика да се гласа за нејзино разрешување, јави Алсат М.
Според Данева не постои законска одредба која овозможува на ваков начин да биде разрешена и нагласи дека сето ова што денеска се случувало се прави по налог на некој од политиката.
Данева рече дека нејзино разрешување побарале политички личности.
Според телевизијата пред околу еден месец пропаднало унапредувањето на судијата Енвер Беџети. Неофицијално се дознава дека од тој ден се лобирало од одредени членови за разрешување на претседателката Данева, бидејќи под нејзино раководство било одлучено да се преземат мерки и против Беџети. Доколку се одлучувало и се расправало за тоа во Судскиот совет, тоа би го спречило неговото унапредување во иднина.
Потпретседателот Селим Адеми негира дека трети лица влијаеле во неговата одлука да предложи разрешување на Данева. Според неговите кажувања, нејзиното разрешување било толку неопходно што дури и се обврзува кривично да одговара доколку имало некаква повреда на постапката.
Амбасадорката Агелер денеска молчи по скандалот во Судскиот совет предизвикан од ДУИ.






