Уште ни шајка не закована, Македонија за градба должи 310 милиони евра на „Бехтел и Енка“

Уште ни шајка не закована, Македонија за градба должи 310 милиони евра на „Бехтел и Енка“. Македонија веќе трпи штети од договорот. Поради непочитување на одредбите само досега ќе мора да се платат пенали од 53 милиони евра, а доспеаните обврски веќе достигнуваат 300 милиони иако се уште не е фрлена ниту една лопата ниту е закована ниту една шајка.



Ова го велат од ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на партијата Мицкоски, придружуван од потпретседателот Мисајловдски и членови на Извршниот комитет, на брифинг со новинарите презентираше суштински делови од она што македонската Влада го потпишала со американско – турскиот конзорциум. Од опозициската партија велат дека целиот проект ќе чини најмалку 2 милијарди евра.

На денешниот брифинг на ВМРО-ДПМНЕ, функционери на партијата споделија детали за тајниот договор, согласно копијата што тие ја обезбедиле од „сврикач“. Новинарите немаа можност физички да го разгледаат документот ниту да видат делови, но усно беа цитирани страници и поглавја од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 50 милиони евра, согласно договорот, треба да се исплатат како аванс, најдоцна 45 дена по ефективноста на договорот (8 март 2023 е датумот од кога договорот е ефективен);
  • 117 милиони евра, треба да се исплатат за подготовка на градилиштето (87 милиони евра за 15 дена а останатите 40 милиони евра за 45 дена од ефективноста на договорот);
  • – 5,84 милиони евра, трошок за првите два месеци од договорот кој е наречен Capital Investment Cost и кој чини 2 920 000 евра за секој месец, се до крајот на договорот;
  • 53 милиони евра, пенали/трошок за неносење (навремено) на измените за Законот за работни односи со кои ќе се тргнеше ограничувањето за најмногу 8 часа дополнителна работа неделно, односно да се прошири сегашната граница на 40 редовни + 8 дополнителни = 48 работни часови неделно;
  • – 79,4 милиони евра, дополнителна сума која ќе се плаќа секој месец во износи од по 1,26 милиони евра се до завршувањето на договорот за Capital Investment Cost, поради неносење (навремено) на измените на Законот за работни односи;
  • – 0,9 милиони евра (900 000 евра), за непредвидени трошоци поради неносење на измени на законот за работни односи – ставка која ќе се плаќа само до моментот додека не се донесат измените.

И додека пратениците чекаат да го видат договорот кој официјално е тајна, законите кои треба да овозможат негова реализација веќе неколку недели се во собраниска процедура. Ова се пратениците од владејачкото мнозинство со предвидувачки способности кои без да го видат Договорот со Бехтел и Енка точно знаеле кои закони треба да се изменат.