Министерот за економија ги објави имињата на маркетите кои продавале изгор скапо и најави кривични пријави

Одземени над 15 тони овошје и зеленчук од Кванташкиот пазар, како и кривични пријави за дел од трговците кои не ги почитувале владините одлуки за замрзнувањето на цените. Како што најави министерот за економија, Крешник Бектеши, никој нема да биде поштеден и секој што го изиграл Законот ќе добие прекршочна пријава. Министерот ги објави имињата на некои од поголемите маркети кои ја прекршувале владината одлука.



  • „Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар – Анмарк ДООЕЛ. Има казни за увозници на овошје и зеленчук за компаниите Савари, Астра фреш, Атлантик, Фрута – Фрукта, Стрима, Нектар фреш, Ема стил и други, а секако има и казни за трговците на мало како што се Веро, КАМ, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс и Иса МКБ. Важно е дека кривични пријави ќе има согласно контролите, колку ќе бидат конкретно и за кои, ќе бидете информани до крајот на неделава, а дека ќе има сигурно ќе има“, соопшти Крешник Бектеши, министер за економија.

Казнети се и увозници на овошје и зеленук, како и компании кои се занимаваат со малопродажба. Појасни дека на овие трговци веќе им се изречени глоби, а дополнително за дел од нив, неделава, ќе бидат поднесени и кривични пријави.

Од Пазарната инспекција велат дека на Кванташки биле констатирани еден куп прекршоци. Затекнати биле трговци без документи, и затоа биле одземени стоки па предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.

Надлежните велат дека од сега сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта, и тоа мора да биде пракса. Системот мора да профункционира, рече директорот. Инаку, одлуката за цените ќе продолжи да важи и во наредниот период.