Русија бара проширување на Советот за безбедност на ОН

Застапеноста на Азија, Африка и Латинска Америка во Советот за безбедност на Обединетите нации треба да се прошири за да може клучното меѓународно тело за решавање на конфликти да ги задоволи современите геополитички потреби, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.



„Вистинскиот мултилатерализам… бара адаптација на ОН на објективните тенденции на формирањето на мултиполарната архитектура во меѓународните односи“, рече Лавров во говорот во седиштето на ОН во Њујорк.

Ова значи дека реформата на Советот за безбедност на ОН треба да се „забрза преку проширување на застапеноста на азиските, африканските и латиноамериканските земји во него“, објасни тој.

„Сегашното масивно презастапување на Западот во ова клучно тело на ОН го поткопува принципот на мултиполарност“, истакна Лавров за време на дискусијата за „ефективен мултилатерализам“ што беше организиран од Русија како актуелен претседавач со Советот.

Лавров не прецизираше дали бара одредени нации од Азија, Африка и Латинска Америка да станат постојани членки на Советот за безбедност на ОН или да се прошират квотите за непостојаните претставници на тие региони.

Советот за безбедност на ОН во моментов се состои од пет постојани членки, секоја со право на вето – Кина, Франција, Русија, Велика Британија и САД – и десет непостојани членки, кои се избираат на секои две години од Генералното собрание на ОН.

Според сегашните правила, непостојаните членки ги сочинуваат пет африкански и азиски држави, една источноевропска, две латиноамерикански и две западноевропски и други држави.

Бидејќи Швајцарија и Малта се непостојани членки, Западот во моментов има пет места во Советот, повеќе од кој било друг регион. Јапонија, која е близок сојузник на Вашингтон, е исто така меѓу десетте сегашни непостојани членки.

За време на истата дискусија, американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, исто така побара реформа на Советот за безбедност на ОН, велејќи дека „ова тело мора да еволуира за да одговори на предизвиците на 21. век“ со цел „подобро да ја одрази денешната глобална реалност“.

Таа не прецизираше какви промени се потребни, но прокоментира дека „нашиот одговор на флагрантните прекршувања на Русија [на Повелбата на ОН] не може да биде напуштање на основните принципи на оваа институција“.