Првата жена кардиохирург во Македонија е важен дел од тимот на Клиника „Жан Митрев“

Со само 30 години д-р Симона Патчева ја менува реалноста во кардиохирургијата во Македонија и во пристапот и третманот на пациентите. Како дел од тимот на Клиника „Жан Митрев“ стана првата докторка во Македонија со специјализација кардиохирургија и е предводник на новата генерација кардиохирурзи со обука и знаење во современа технологија применета во спасување животи.



Во интервју за Нетпрес Патчева открива детали за својата работа:

*Вие сте првата докторка во Македонија со специјализација кардиохирургија, како се одлучивте за специјализација во ова поле. Што претставува кардиохирургијата за вас?

Уште од средношколски денови ме интересираше медицината, а особено внимание ми привлекуваше срцето и кардиоваскуларниот систем. Од секогаш за мене срцето претставуваше центар на интерес, делумно и филозофски – центар кој ги контролира емоциите, карактерот на човекот, детерминацијата дали еден човек ќе биде добар или не, а секако плејмејкер на целиот организам кој го диктира темпото на останатите органи. Иако потајно замислував и сакав да бидам кардиохирург, свесна бев уште од тогаш дека е тоа тежок пат пред се, а уште потежок за жена бидејќи сепак ова е гранка од медицината која се третира како машка и важи тоа дека само најиздржливите и најхрабрите можат да успеат.

Уште оттогаш идол ми беше д-р Митрев, редовно го читав тогашното списание „Здравствен код“ и се интересирав за патот на еден кардиохирург. При една прилика на кардиолошки конгрес се запознав со докторот и му кажав за мојата амбиција и желба да специјализирам кардиохирургија, на што тој ми одговори „само напред“ и притоа давајќи ми го највредниот поттик дека кардиохирургијата е вистинскиот начин да се помогне некому и дека можностите и перспективата пред мене се бескрајни.

*Кариерата ја започнавте од Клиника „Жан Митрев“, какви се можностите за развој, надградување и професионален напредок во тоа окружување?

По завршување на Медицинскиот факултет во Скопје, веднаш се запишав на Докторски студии на Медицинскиот факултет во Љубљана. Завршив временски во првите 10 студенти од мојата генерација, со висок просек, така што се запишав на докторски студии на 26 години. Се сеќавам дека уште додека бев таму, се појави оглас за вработување во „Жан Митрев“ Клиника и аплицирав. Ме побараа за интервју, после неколку месеци во првиот момент кога се вратив закажавме интервју и ме повикаа за вработување, така ова е моето прво работно место.

На прашањето што би специјализирала одговорот беше кардиологија- не се осмелував да кажам кардиохирургија. Сосема спонтано како дел од турнирите минував во операциона сала, д-р Митрев сака сите да пробаме и да се најдеме каде најмногу припаѓаме. Од тој ден останав во кардиохирургијата.

Целото интервју на Нетпрес