Лидерот на „Алтернатива“, Африм Гаши, ги повика партиите на Албанците во Македонија да се здружат и на избори да ја поразат ДУИ>.
„ДУИ треба да оди во опозиција. Мора да се здружиме за да ја реализираме оваа цел. Тоа што го зборувам не е незначајно. Комуницираме меѓу себе и ќе видиме како ќе се одвива процесот“, рече Гаши за ТВ21.
Околу таканаречените „огнени“ од ДУИ, тој рече дека има комуникација со истакнатиот член на групата Изет Меџит.
„Да, и Движењето Беса, и ‘огнените’ кои не ја завршиле битката во ДУИ, а доколку решат да направат партија…важно е сите Албанци да се здружиме во интерес на албанскиот народ и да ја поразиме ДУИ во март следната година, кога веројатно ќе имаме избори“, вели Гаши.
Како што рече, „Алтернатива“ не поставува никакви услови за соработка со другите партии за остварување на оваа цел.






