Јасно е дека комисија која треба да „смисли“ како да се внесат Бугарите во Уставот нема ништо да мисли. Затоа таму нема место за експерти за Уставно право.

Како е можно во експертската комисија која добила задача да го подготви амандманот за „внесување на Бугарите во Уставот“ да нема ниту еден професор по Уставно право?!
За партиските ведети во ова тело – не коментирам. Нема што да се каже. Тие се таму за да ја пренесат волјата на партиите.
Со должна почит кон стручноста кон секој од уважените членови на оваа комисија нонимиран од Владата како експерт, треба да се каже дека Ана Чупеска е професор по политички науки, Елена Михајлова е професор по Меѓународно право, Беса Арифи е професор по Кривично право, Марија Пандевска доаѓа од Институтот за национална историја, а политикологот Јагода Митревска, за која се проширија шпекулации дека била поддржувачка на Путин, е од Меѓународниот славјански универзитет.
Маргарита Цаца Николовска е позната и призната судијка. Бранко Наумовски и Сали Мурати се поранешен и сегашен претседател на Уставниот суд. За жал, никој од последниве тројца не може да се пофали со респектибилен бекграунд во научната дејност. А тоа сепак е сериозен хендикеп.
Единствен исклучок е Јетон Шасивари од Универзитетот на ЈИЕ, експерт за Уставно-админситративно право.
Во правните науки, особено во денешно време, специјализацијата е многу важна работа. Нема дилеми дека еден солиден кривичар може да биде врвен правник, но тоа не го прави експерт за Политички систем и за Уставно право. И обратно, се разбира.
Така е во сите научни области. Во медицината, на пример. Оториноларинголог не е исто што и гинеколог. Кардиолог не е исто што и кардиохирург. Разликите се битни и пресудни при утврдувањето на знаењата на луѓето во одредена специфична област. Особено во критично важни ситуации.
Зошто ниту еден од неколку наши врвни експерти за Уставно право и за Политички систем не е ангажиран во оваа комисија?
Претпоставувам дека Гордана Силјановска Давкова, Тања Каракамишева Јовановска и Александар Спасеновски се сметаат за „политички неподобни“ за еден ваков проект. Верувам дека и самите одбиле, или би одбиле, да бидат дел од екипата што ги подготвува уставните измени.
Но, каде е тука Рената Десковска, на пример?
Што му недостасува на еден Дениз Прешова?
Од повозрасните, веќе пензионери експерти во областа, неизбежни се имињата на Саво Климовски и особено на Светомир Шкариќ.
Конечно, јас во овој тим би сакал да го видам и Денко Малески, на пример, чија експертиза се Споредбените политички системи.
Би можел да наредам уште имиња на луѓе со неспорна стручност која би можела многу посериозно да го зајакне капацитетот на комисијата што треба во меѓусебна научна дебата да смисли начин како Бугарите да станат дел од Уставот, а при тоа, по можност, тоа решение да биде прифатено со политички консензус.
Тоа што не е составена таква комисија мене ми кажува само една работа – дека во комисијата сепак нема да се води вистинска научна дебата, дека нема да се направи сериозна компаративна анализа на решенијата од други устави и дека воопшто нема да се размислува за решение за кое можеби би можело да се најде широка политичка поддршка.
Некои велат дека такво решение не постои. Јас тврдам дека грешат. За жал, моето тврдење е небитно за процесот на одлучување и сигурно нема да добие шанса да се покаже како точно.
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:
https://plusinfo.mk/od-komisi-ata-ne-se-bara-da-misli-tuku-da-udri-ekspertski-mur/





