Стопанската комора, по спроведената анкета за загубите кои ги претрпеа компаниите членки во енергетската криза лани, ги презентираше конкретните предлог-мерки и решенија за надминување на енергетската криза. Претседателот на Комората, Бранко Азески, остро реагираше за тоа што државата не презема никаква одговорност за направените пропусти во справувањето со енергетската криза, кои компаниите ги платија дебело.

Одговорност или оштета од државата, бара Стопанската комора. Додека власта се фали дека добро се справила со енергетската криза, бизнисот вели – поминавме многу лошо. Државата не даде ни денар за големите компании, кои се локомотива на бизнисот, за полесно да ја пребродат кризата. Да не се повтори и оваа година истото, бараат гаранции од државата.
Добро соработуваме и ги прифаќеме предлозите од Комората, вели премиерот. Во иднина ќе бидат и тие консултирани со свои предлози, а дали треба да бидат обештетени – ги повика да се обратат кај надлежните органи.

Азески побара одговорност и од Регулаторната комисија за енергетика, како и по кој критериум им давала лиценци за трговците на струја, кои со мал влог правеле милионски профити, а кога ќе ги извиселе фирмите, не одговарале.
Големите компании од металургијата, хемиската, тутунската индустрија, градежништвото пријавиле дека имаат зголемени трошоци од 100 до 400% поради високите сметки за струја. Затоа имале намален обем на работа, а некои и престанале со производство одреден период. Да не се повтори ланската слика, бараат од државата да донесе јасна стратегија уште пред да стартува грејната сезона, за да не биде доцна потоа.
Од Комората укажуваат дека компаниите имале намален обем на работа, а во одреден период и прекин на работата поради недостиг од електрична енергија. Како резултат на тоа домашните компании се неконкурентни на другите пазари и ако се повтори ова во 2023 година ќе биде погубно за бизнисот.
И покрај тоа што Владата тврдеше дека 98 отсто од фирмите биле поддржани, од Комората ги демантираат овие тврдења и велат дека голем дел од компаниите не добиле никаква поддршка и биле оставени сами да се справуваат со енергетската криза.





