Каква иронија на судбината. Во денот на промоцијата на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“ за македонската и клупска фудбалска легенда Дарко Панчев, навивачите на Вардар ги лекуваат раните од болниот пораз од 2:1 против Воска во директниот дуел за Првата лига. Додека великаните Пикси, Савиќевиќ, Стojановиќ му се поклонуваат во Скопје на еден од најдобрите фудбалери што ги дала Македонија, „Комити“ и сите други на кои им се при срце „црвено-црните“ не можат да ги прежалат двата примени гола во судиското продолжение во Охрид, кои ги оддалечуваат вардарци од елитата втора сезона едноподруго.
А само до пред три кола и дуелите со Беса, со Гостивар и со Воска најтрофејниот македонски фудбалски клуб беше лидер во Втората лига, навестувајќи своевидна реприза на подвигот на својот ракометен имењак, кој исто така „без пари“ стигна до пехарот во европската Лига на шампионите. Од вчера наваму, пак, за фудбалскиот бренд на Македонија останува само надежта за враќање во прволигашкото друштво барем преку баражот, најверојатно со Скопје. За тим што цела година игра без плата, наспроти екипата со пет странци во составот, тоа би било подвиг речиси од рангот на европската титула на ракометарите.
Просто е неверојатно на какво дереџе падна најпрепознатливиот фудбалски колектив од Македонија надвор од нејзините граници. Единствениот македонски клуб што ги има освоено шампионската титула и Купот на СФР Југославија, првиот и досега единствен тим од Македонија што заигра во групите од Лига Европа и беше покус само за еден гол против Спарта Прага за пласман и во групите од Лигата на шампионите, да се мачи за да се врати во една од најслабите прволигашки конкуренции во Европа?! Па уште и да нема свој терен, туку да тренира и да биде домаќин кај стигне, а неговите најмлади категории да одржуваат тренинзи на бетонско игралиште?!
Тажно е преблага формулација за тоа што му се случува на клубот без кој македонскиот клупски фудбал нема и нема ни да има смисла. Зошто, без никакво претерување, Вардар е тоа што е, да речеме, Барселона за Каталонија и за Шпанија – mas que un club (повеќе од клуб). Вардар е институција, симбол на македонската гордост не само во фудбалска смисла. Од основањето во 1947 година беше еден вид репрезентација на Македонија, отскочна штица за речиси секој фудбалски талент од овие простори, расадник на големи фудбалски имиња, но и сплотувач на македонските патриоти, клуб што ги обединуваше сите што нешто чувствуваат за ова парче земја со славно име.
Токму тука е, се чини, и главниот проблем на Вардар во ова зловреме. Не ќе да е случајно рамнодушното сеирење пред тивкото умирање на македонскиот клупски гигант буквално од сите што можат и мора да му помогнат да застане на нозе. Не е и не може да биде сфатливо дека ама баш никој од големите компании и богати луѓе што прават бизнис во Македонија нема интерес да застане зад клубот со најмногу навивачи во државава, но и секаде каде што живеат Македонци. Попрво станува збор за стратегија за (до)уништување на сè што потсетува на Македонија и што го крепи духот на Македонецот. Неколкумилионскиот долг во евра не може да биде оправдување во ситуација кога грабежот во оваа жална грутка македонска земја достигнува милијарди.
Каква е таа Прва македонска фудбалска лига без Вардар, Пелистер, Тетекс, Беласица, сè поизвесно и без Победа? Клубови што нешто значеа и во ексјугословенски рамки, а камоли во македонски. Што е со традицијата, на која толку ѝ се воодушевуваат овдешните фудбалски фанови кога станува збор за Англија, на пример? Како до поквалитетен македонски фудбал ако згаснуваат регионални фудбалски центри и живуркаат клубови со име и презиме и надвор од Македонија?
Колку и да изгледа симболичен, гестот на репрезентативецот и „вардарово дете“ Стефан Ристовски, кој го плати карантинот пред дуелот со Воска, е пример за тоа што може да направи секој што станал нешто во фудбалот преку Вардар. Сега не е време за евоцирање убави спомени на славните денови, туку за конкретна поддршка од секој што може на каков било начин да помогне за приказната за „најдоброто од Македонија“ на фудбалски план да ги вдахновува и идните македонски генерации што ќе се заразат со најважната споредна работа на светот.
Постоењето и натпреварувањето на (нај)високо ниво на фудбалскиот клуб Вардар е од национален интерес, како што е од национален интерес Македонија да има опера, филхармонија, музеи, театри, музички ансамбли. За Вардар може и да не навиваш, можеш и да го мразиш, но не можеш да му ја одземеш историската димензија како нераскинлив дел, сопатник и мотиватор во изградбата на нацијата во последните речиси осум децении. Оттука и императивот сега прво да се зачува, за во поволни околности повторно да ги заслужи стиховите „Ој Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија“.





