Бојан Миовски со мајсторски удар со глава во 56. минута го запечати триумфот на Абердин од 2:0 во дербито со второпласираниот Ренџерс од 33. коло во фудбалската Премиерлига на Шкотска, по кое тимот на македонскиот репрезентативец обезбеди учество во разигрувањето за титулата како трет на табелата во моментов.
Нафрлената топка одлево 23-годишниот напаѓач во голем стил ја проследи со глава преку голманот Алан Мекрегор во спротивниот агол, предизвикувајќи еуфорија кај домашните навивачи на трибините на „Питодри“, а за настапот беше оценет со 7,9, трета највисока оценка на натпреварот.
Со 16 гола, Миовски го дели четвртото место на листата на стрелците во шкотското првенство со соиграчот Луис Лопес од Зеленортски Острови.
Погодокот на Македонецот е по 3:05 минути од почетокот на видеото:






