Продолжениот викенд е повод за посета на соседната сончева Грција. Македонците навалија на викенд дружби кај соседите. Ќе се јаде морска храна и гиро викендов. Од камерите пред граничните премини може да се забележи дека навалата е најголема кон Грција, каде има долга колона на возила.
Граничниот премин „Богородица“ изутринава е преплавен со автомобили кои чекаат за излез од Македонија кон Грција. Продолжениот викенд поради велигденските празници, голем дел граѓани ќе го поминат надвор границите на државата.

Како што јавуваат читатели на Фактор, утрово била забележана гужва и на граничниот премин кон соседна Србија, каде се чекало и половина час за излез од државата. Она што го покажуваат камерите на граничниот премин Блаце и Табановце е дека веќе колоните се расчистени и се поминува слободно границата.
Гужви нема на границата кон Бугарија. На граничниот премин „Деве Баир“ е целосно слободно движењето.
Колкава улога играат политичките превирања кои ги зафатија нашите држави последниве месеци во слабиот проток на патници на овој граничен премин? Интересот за патување кон Бугарија од година во година е се помал, но со бројните политички препукувања дополнително се влоши комуникацијата меѓу нашите народи.





