Поранешниот амбасадор и аналитичар Арзим Зеколи смета дека без надворешна директна и систем(ат)ска интервенција, македонската антикорупција ќе продолжи да биде ефективен инструмент и составен дел на корупцијата.
Во колумна за „Дојче веле , Зеколи вели:
„Ставот на мојот соговорник беше дека не треба да се наметнувам како поголем католик од Папата и треба да се воздржам од премногу бранување околу проектот на Бехтел-Енка. Неговото сумирано и наметнувано наравоучение беше дека „како што Македонците си ги бранат проектите и си ја кријат корупцијата, така би требало и ние Албанците да ги браниме корупциите на нашите партии”. Не е дека по првпат ја имам слушнато таа верзија на рефренот „не е корупција доколку е наша”. Но овојпат, некако состојбите околу односот кон корупцијата како да станаа појасни за отсликување и детектирање, пишува Зеколи
(…)
Сеирџиско-инаетчиски гледано – вели Зеколи – ставот на мојот соговорник за етнички-диктираниот однос кон корупцијата е кусогледо оправдана и долгорочно погубна. Таа наопаку превртена библиска мудрост на „заб-за-заб” не води кон ништо друго сем до уште една албанска имитација на македонскиот оригинал на самоуништување. Бидејќи, суштината на таа имитација е во копирањето на глумењето на патриотска-корупција во име на етникумот, но во реалноста од полза и профит на тесна група криминалци со јатаци од другиот етникум. Следствено, логично и мудро е да се отфрлат од старт сите обиди да етничкиот моментум се искористи за амнестирање, ублажување или низ прсти прогледување за сомнежот за корупција и нетранспарентност. Подеднакво како што е логично, мудро и обврзително да од старт се отфрлат и игнорираат аргументите на оние лажни душебрижници кои во секој проект кој се одвива во албанска средина или е на некој начин поврзано со албанците се оцрнува и сатанизира по секоја можна основа – почнувајќи од пицерии под чинарот, гасоводи низ водно, шопинг-молови на саем и коридори од Блаце до Ќафасан.
Бехтел-Енка не ни ги отвори очите дека земјата ни е потонета до веѓи во корупција, криминал, непотизам, нетранспарентност и неказнливост. Бехтел-Енка само докажа и укажа дека кај нас нема веќе ликови со авторитет и бекграунд достојни за доверба дека истражуваат, оптужуваат и судат ни според етнички, ни според партиски, ни според геополитички, клановски, роднински, лоповски критериуми“ пишува Зеколи за „Дојче веле“.







