Роберт Ф. Кенеди Џуниор ја започна својата кампања за претседател на САД

EPA/ANTHONY BEHAR/SIPA USA POOL BEST QUALITY AVAILABLE

Роберт Кенеди Џуниор, член на Демократската партија, денеска официјално ја започна својата кампања за претседател на Соединетите Американски Држави.



Синот на сенаторот и државен обвинител Роберт Кенеди и внук на поранешниот американски претседател Џон Кенеди, ја објави својата кандидатура на настан во хотел во центарот на Бостон, Масачусетс, пренесува Fox News.

„Мојата мисија во следните 18 месеци од оваа кампања, и за време на моето претседателство, ќе биде да се стави крај на заедничката корупција на државата и корпорациите, која сега се заканува да наметне нов вид корпоративен феудализам на нашата земја“, рече Кенеди.

Тој истакна дека неговото семејство и тој имаат долгогодишни добри односи со претседателот Џозеф Бајден, но дека многу членови на семејството Кенеди не се согласуваат со него за голем број прашања.

„Денес сме сведоци на поларизација во нашата земја, која е толку токсична и опасна“, рече кандидатот за претседател на САД и порача дека неговата цел е да се стави крај на таа поделба.

Роберт Ф. Кенеди Џуниор изјави дека ги охрабрува Американците да зборуваат за заеднички вредности, а не за прашања кои ги делат.

Фокс њуз пишува дека демократот бил критикуван од колегите од партијата дека се противел на вакцинацијата за време на пандемијата на коронавирусот. Во исто време, Кенеди станува се попопуларна личност на политичката десница.